– НАТО нема механизам за исклучување на членките. Нема да препорачам тоа да биде вклучено во нашиот основачки договор, истакна Столтенберг во Рига пред состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата.
Тој додаде дека и да го предложи, тоа никогаш нема да се случи бидејќи за таква одлука е потребен консензус од сите 30 членки, што значи дека секоја земја има право на вето.
За време на дводневниот состанок, министрите ќе разговараат за предлозите на генералниот секретар за измена на Стратешкиот концепт на НАТО, документ кој ја опишува мисијата на Алијансата и планот за прилагодување на современите безбедносни предизвици.
Последниот стратешки концепт беше усвоен во 2010 година и не ја споменува Кина или климатските промени. Најавено е дека конечниот текст на Стратешкиот концепт ќе биде усвоен на самитот на НАТО во Мадрид во јуни 2022 година.