Владата вчера го повлече предлог-законот за данок на солидарност на доработка, но од Стопанската комора на С Македонија велат тоа не е решение и дека би биле целосно задоволни доколку постапката за овој предлог-закон е целосно прекината.

Потпретседателот на Стопанската комора, Антони Пешев, рече дека во земјава градењето на предвидлива и добра бизнис клима е невозможно, се додека не се донесат клучни и издржани закони со кои би се работело кон подобрување на работењето на компаниите. Дополнително, кажа дека многу силно ќе се спротистават на евентуална употреба на европското знаменце за носење на вакви закони, бидејќи на тој начин ќе се нанесе штета на бизнисот а странските инвеститори ќе бидат демотивирани.

„Имаме впечаток дека овој механизам се употребува и кога навистина се европски законите, но и кога за тие закони нема општ консезус во државата, па сега се употребува страничен механизам за да се злоупотреби целата работа“, вели Пешев.

Македонските бизнисмени кои застанаа зад оваа иницијатива велат дека зад нив стојат најголемите компании во земјата и дека нема да попуштат се додека не се исполнат во целост нивните барања.

Инаку, уште на почетокот на 2023 г. Владата најави дека ќе донесе Закон за данок на солидарност со кој сите фирми кои изминатата година оствориле приход од над 10 милиони евра ќе треба да платат еднократна јавна давачка. Со овој предлог се предвидуваше компаниите да платат данок по стапка од 30 отсто на разликата во добивката во однос на претходните 3 години

Бизнисмените велат дека зад оваа иницијатива стојат најголемите компании во земјава, кои се спротивставуваат на паушалната употреба на европското знаменце во донесувањето на законите. Владата пак пресмета дека од овој данок ќе собере 90 милиони евра од околу 200 компании кои го исполнуваат предложениот услов.