Според известувањето на порталот, до несреќата дошло на автопатот А3 во близината на Окучани, село во регионот Славонија, Хрватска, а загинале мигранти кои се наоѓале во камион со српски регистарски ознаки од Република Српска, кој се превртел. 17 лица се повредени.

Автопатот А3 бил целосно затворен за сообраќај за непречен транспорт на Итната помош, а повредените биле пренесувани до блиските болници. Во еден момент на местото на несреќата биле присутни дури 50 лица од Итната помош, полицијата и пожарникари кои се обидувале да ги извлечат повредените и настраданите под бали хартија за тетрапак, од кои секоја тежи еден тон.

Јутарњи лист наведува дека преживеаните се претставиле како државјани на Сирија.

До несреќата дошо, како што наведуваат хрватските медиуми, кога, засега од непознати причини 42 годишниот српски државјанин кој го управувал камионот со приколка нагло свртел, ја пробил заштитната ограда и завршил превртен.

Во превртувањето на камионот, освен балите хартија, почнале да паѓаат и мигранти. Во камионот наводно имало 21 мигрант, а меѓу нив биле и деца, кои според очевидците и учесниците во акцијата за спасување, плачеле и молеле за помош на англиски јазик.