Франција официјално бара од Германија прецизно да дефинира како планира да го употреби своето ново ракетно вооружување со долг дострел во евентуален воен конфликт со Русија. Париз предупредува дека отсуството на јасна и усогласена стратегија може ненамерно да ја вовлече Европа во директна нуклеарна конфронтација.

Според извори упатени во преговорите, француските претставници водат интензивни разговори со колегите од Берлин со цел германската доктрина за прецизни удари длабоко во непријателска територија да биде синхронизирана со нуклеарната стратегија што ја спроведува Париз.

Француските власти укажуваат на високиот ризик конвенционален напад врз руски цели погрешно да биде протолкуван од Москва и да предизвика фатален нуклеарен одговор.

„Доколку Русите погрешно го протолкуваат сигналот, би можеле да го преминеме нуклеарниот праг без дури и да го сфатиме тоа“, вели француски претставник.

Француската страна стравува поради плановите на Германија, која заедно со Велика Британија, Полска, како и нордиските и балтичките земји, брзо го засилува ракетниот капацитет за одвраќање. Берлин набавува и произведува ракети со дострел од 500 до над 2.000 километри, со што се создава способност за гаѓање цели длабоко во внатрешноста на руската територија. Ваквиот пристап произлегува од руската инвазија на Украина и зголемената неизвесност околу гаранциите на САД за време на водството на претседателот Доналд Трамп.

Франција започна разговори за својата нуклеарна доктрина со сојузниците откако Емануел Макрон најави дека францускиот арсенал би можел да ги заштити европските партнери. Париз најмногу внимание насочува кон Германија, имајќи го предвид нејзиниот одбранбен буџет проектиран на 780 милијарди евра до крајот на 2030 година. Сепак, постои страв дека концептот на напредно одвраќање може да доведе Русија да го смета Париз одговорен за акции на сојузниците.

„Ако поканите некого во куќата, вие сте одговорни ако ја запалат“, рече функционер запознаен со дискусиите.

Претставниците во Париз нагласуваат дека со децении граделе прецизни непишани правила и правила на ангажман за нуклеарно одвраќање.

„Ова се навики што ги развивме со текот на годините. Германците ги немаат. Би било многу подобро да имаме јасна и јавна доктрина, за Русите никогаш да не протолкуваат погрешно сигнал или да извлечат погрешен заклучок“, посочува неименуван функционер.

Од германска страна уверуваат дека постои целосна согласност за потребата од заедничка рамка и дефинирање на границите на ескалацијата. Висок претставник на Берлин потсетува дека токму Германија уште пред три години ја иницирала темата за конвенционално одвраќање.

„Ова не е нешто што Французите го бараат, а ние се спротивставуваме. Од самиот почеток беше јасно дека стекнувањето способност за удар длабоко на територијата на Русија мора да биде придружено со заеднички договор за нејзината употреба“, вели тој.

Германските извори посочуваат дека разговорите претходно биле одложени поради внатрешните дилеми во Франција, но најавуваат можност за заедничка трилатерална декларација со Франција и Велика Британија. Од своја страна, британски дипломати ги смируваат француските загрижености, нагласувајќи дека стратешката култура во Германија забрзано напредува. Велика Британија веќе развива заеднички ракети со Берлин со дострел преку 2.000 километри, со отворена можност за приклучување на Франција кон иницијативата.

Британски претставници потенцираат дека таргетирањето исклучиво ќе се однесува на воената инфраструктура, командните пунктови и складиштата за муниција, со строго избегнување на нуклеарни постројки или државни институции за да се спречи ескалација.

„Сите сме свесни за потребата да не се предизвика нуклеарна ескалација“, додаде тој.

Портпаролот на германското министерство за одбрана ја потврди соработката за ракетни системи за длабоки удари и подготвеноста за проширување на партнерството кон Франција.

Воените аналитичари истакнуваат дека преземањето водечка улога од страна на Берлин бара јасно политичко и воено лидерство во рамките на сојузот. Генералот Инго Герхарц од НАТО предупреди дека ваквите офанзивни системи мора строго да бидат усогласени со Алијансата.

„Многу земји на фронтовската линија сега се способни да извршат прецизни напади длабоко на територијата“, изјави Герхарц на Берлинската безбедносна конференција.

Тој предупреди дека секоја поединечна воена акција кон Русија неизбежно ќе биде протолкувана како став на целиот сојуз. Аналитичарот Франц-Стефан Гади од Виена посочува дека германскиот врв мора сериозно да ги разгледа сите воени ризици при длабоки напади врз противничка територија.

„Мојата главна загриженост е германското политичко раководство. Не мислам дека тие навистина разбираат како Бундесверот ја замислува борбата против Русите, ниту колку е критично да се погодат цели длабоко во Русија ако треба да се спроведе планот на Бундесверот и НАТО за пораз на руската војска. Ова треба да се дискутира многу подетално – можеби не јавно, но секако меѓу политичките и воените лидери“, вели тој.

Кабинетот на францускиот претседател во Елисејската палата засега одби официјален коментар на овие наводи.