Кенискиот претседател Вилијам Руто изјави дека „е доста“ и ги повика безбедносните сили да употребат огнено оружје против демонстрантите. Според неговите зборови, полицијата треба „да им пука во нозе“ на оние што се вклучени во палење бизниси и ограбување за време на протестите.

Руто тврди дека протестите се политички мотивирани, обвинувајќи ги своите ривали дека се обидуваат да ја урнат неговата влада преку организирано насилство.

Во Кенија веќе неколку недели траат масовни демонстрации, откако минатиот месец во полициски притвор почина познат блогер. Настанот предизвика бес кај многу граѓани и ескалација на протестите.

Тензијата дополнително се влоши по инцидент за време на антивладини демонстрации, кога полицаец пукаше во цивил од непосредна близина. Снимката од настанот се прошири на социјалните мрежи и предизвика нов бран осуда.

Во понеделникот, полицијата постави барикади на сите влезови во центарот на главниот град Најроби. На периферијата на градот дојде до жестоки судири, како и во 17 од вкупно 47 окрузи во државата.

Според најновите податоци, во судирите загинаа 31 лице, над 100 се повредени, а повеќе од 500 лица се уапсени. Вкупниот број загинати во изминатите две недели се искачи на 50.

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Тирк, во вторникот повика на итно решавање на проблемите што ги предизвикаа протестите.

Граѓанските организации во Кенија повеќе пати апелираа до властите и полицијата да покажат воздржаност и да престанат со употреба на прекумерна сила врз демонстрантите.