-Вчера околу 18:30 часот на улица „Славеј Планина“ во Струга, полициски службеници од Полициската станица од Струга ги приведоа и од слобода ги лишија М.А.(28) и М.И.(33), двајцата од Дебар, затоа што кај нив е пронајден хероин. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Исто така Димоски информираше дека дебарското одделение за внатрешни работи поднело кривична пријава против С.З.(27) од селото Горенци-општина Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

-При контрола на лица кои имаат решение за задолжителна самоизолација, извршена на 21 минатиот месец, полициските службеници С.З. не го пронашле во неговиот дом со што постапил спротивно на законските прописи за заштита од коронавирусот, додава Димоски.

Според него, во Дебар, на улица „Вељко Влаховиќ“ нарушен бил јавниот ред и мир со физички напад извршен од Д.А. врз Н.К.(75), двајцата од Дебар. Против напаѓачот ОВР Дебар ќе поднесе соодветна пријава.