Загрижувачки податоци донесе стартот на новата учебна година, особено во југоисточниот дел од земјава. Безмалку насекаде е регистриран помал број на запишани првачиња, но ваквата состојба е најизразена во струмичко. Во дури четири населени места во општината учебната година започна без ниту едно прваче. Оваа година училишните клупи ќе останат празни во селата Раборци, Попчево, Габрово и Мемешли. Ако се споредат податоците статистички, се забележува дека ваквиот тренд, на се помалку новозапишани првачиња во струмичко, започнува во 2017-тата година.
Иселувањето кај нас главно е резултат на невработеноста и барањето подобри услови за работа. Сепак, по се изгледа ваквите катастрофални податоци што ја потврдуваат „белата чума“ не претставуваат пречка да се запираат инвестициите во регионот. Меѓу нив е и една од најголемите најавени инвестиции во земјава, односно отворањето на рудник за бакар „Иловица-Штука“. Оваа инвестиција беше предвидено да отвори илјади директни вработувања и над две илјади индиректни, со предност при вработување за локалното население.
Дел од жителите на околните села бараат инвестицијата да се реализира. Неодамна за регионалниот портал југоинфо.мк тие истакнаа дека „работите можат да тргнат на подобро, додека неперспективноста ги опустоши селата“. Анкетираните граѓани апелираа Владата и надлежните институции да ги слушнат и тие што се за отворање на рудникот и да седнат на заедничка маса за да се најде решение и за таа цел да се формира независно тело кое ќе го контролира ископот и преработката на рудата и дали тоа се врши според пропишаните стандарди.
-Најголем проблем во струмичкиот регион е „белата чума“ и затоа ако не се направи нешто радикално на тој план за повеќе од една деценија струмичкиот крај може да биде Мариово, рече еден од жителите на Босилово, Огњан Лазаров.
Во меѓувреме, на Денот на рударите стана јасно дека учеството на рударската индустрија во вкупниот бруто-домашниот производ на земјата се движи околу два процента, што е релативно скромно во споредба со високо развиените индустриски земји, каде придонесот на рударството во вкупната економија е далеку поголемо. Воедно, во земјава во последните 40 години е отворен само еден рудник, а дополнително просечната плата во рударство во вредност е пониска од пред 30 години и сега изнесува 580 евра.
Од Министерството за економија најавија дека со несмалено темпо ќе ги продолжат планираните активности во рударството, обрнувајќи особено внимание на овој економски сегмент во насока на одржлив раст и развој и како што велат, „остварувајќи партнерски однос со човечкиот потенцијал кој работи во овој значаен економски сектор“.
-Рударите се наш бесценет човечки ресурс, а рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој.
Македонија има непроценливо природно богатство и затоа треба со особено внимание да се грижиме за наоѓалиштата на минерални суровини кај нас“, порача министерот за економија Крешник Бектеши.
Токму ова Министерство издаде позитивно мислење за спојување на двете концесии во Иловица, што ќе овозможеше реализација на инвестијата. Но, Владата иако првично даде согласност, потоа под притисок на дел од јавноста, ја поништи одлуката за спојување на концесиите. Директорот за комуникации и односи со јавноста во компанијата инвеститор „Еуромакс Ресоурцес“, Живко Груевски, претходно во гостување во една национална телевизија изјави дека перманентните напади врз рудникот Иловица – Штука се резултат на добро организирани хибридни активности и платени „актери“ кои имаат за цел со лажни информации да сеат страв и паника кај населението.
-За жал, овогодишното прославување на Денот на рударите означува една организирана хајка и организиран напад против рударската индустрија во нашата држава, нешто што започна како организирана хајка под слоганите „Рудници на смртта„ и Спас за југоистокот. Започна уште во втората половина на 2016 година во Гевгелија, Валандово, Струмица и кулминира овие денови во една хистерија во јавноста околу т.н “Рудници на смртта“. Според мене се работи за една навистина добро организирана хибридна активност, блендирани економски и политички интереси, концентрирани и подготвени во и надвор од нашата држава, а спроведени од неколкумина добро мотивирани, добро платени актери, кои што имаат задача да го спроведат тоа и да сеат страв, да сеат една збунетост кај народот, изјави Груевски.