Почитувани, Студентскиот отпор упатува апел до сите Пратенички групи во Собранието на Република Македонија, денес како последен ден од рокот за поднесување на амандмани на Буџетот за 2023 година да се излезе во пресрет на студентите и да се зголемат средствата што ги предвиделе од МОН. Имено во предлог-буџетот за 2023 година, забележуваме значително намалување и тоа во ставката наменета за “ученички стандард” за 19,72%, ставката за “студентски стандард” намалена за 17,96%, ставката наменета за “наука” намалена за 30,87% и ставката наменета за “инвестиции во образованието” намалена за 17,24%. Особено сме загрижени од намалувањето на предвидените средства во однос на 2022 година за “изградба и реконструкција на студентски домови” за 31% и “енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови” за дури 46%, стои во соопштението на Студентски отпор до јавноста.
Тие бараат пратеничките групи да поднесат амандмани со кои се предвидува зголемување на овие ставки и да се престане со штедење и намалување на средства кои се директно на штета на младите луѓе во Република Македонија.
– Со зголемување на средствата бараме зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 160 денари и задржување на постојните критериуми, но исто така бараме во студентските домови да има повисок квалитет на храна и лифтовите да работат во текот на целиот ден. Во делот на инвестициите во образованието бараме да се предвидат средства за реконструкција на сите студентски домови. Само во овие три програми (студентски стандард, ученички стандард и инвестиции во образованието) Владата за 2023 година предвидува речиси 500 милиони денари помалку отколку со Буџетот за 2022 година. Уште еднаш ги замолуваме пратениците да поднесат амандмани за зголемување на овие ставки за доброто на младите кои се иднината на секоја држава, се додава во нивното соопштение.