Протест пред Министерството за правда

Денеска во Скопје ќе се одржи протест на студентите кои бараат правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Протестниот марш ќе започне во 12:30 часот пред Камениот мост и ќе продолжи кон Министерството за правда. Поради протестот се најавени ограничувања во сообраќајот на улиците по кои ќе се движат демонстрантите, а организаторите претходно биле повикани во полиција на информативен разговор.

Револт поради неможноста за полагање на албански

Прашањето за правосудниот испит на албански јазик предизвика реакции откако 385 студенти Албанци од три правни факултети – УТ, УЈИЕ и УНТ – преку петиција побараа од институциите ова право. Неможноста испитот да се полага на албански јазик ги изреволтира студентите, кои најавија дека преку протест ќе го изразат својот став. Тие повикаа и на масовна поддршка од граѓаните, оценувајќи дека ова не е само нивна „борба“, туку и прашање за заштита на јазикот.

Политички реакции и поделби

Протестот доби поддршка од поединци, службени лица и здруженија од земјава, како и од Албанија и Косово, но предизвика и реакции меѓу политичките партии. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе се најде решение за студентите и апелираше тие да не бидат инструментализирани од политички партии. „Им гарантирам на студентите дека ќе се најде соодветно решение и апелирам да не си дозволат да бидат алатки во рацете на политичка партија“, рече Мицкоски.

Од друга страна, портпаролката на ДУИ, Арта Биљали Зендели, изјави дека гаранциите за правата важат само за време на кампања. „Гаранциите за правата очигледно важат само за време на кампањата… Денес, студентите се на патот кон достоинство“, рече Биљали Зендели.