Сончогледот се враќа во Овчеполскиот регион: Зголемени субвенции и усовршена агротехника
Земјоделците од Овчеполскиот регион ги подготвуваат нивите за сеење сончоглед, култура што полека се враќа на македонските полиња. Причина за тоа е зголеменото субвенционирање, како и напредната агротехника, оценува универзитетскиот професор на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Љупчо Михајлов.
Според него, земјоделците од регионот ги прифатиле советите за порано сеење на сончогледот, што може значително да го подобри приносот.
Рано сеење – клуч за успешен принос
„Конкретно за сончогледот е важно уште во почетокот на март да се насее, за да развие коренов систем на поголема длабочина уште во почетните фази од развојот. Доколку подоцна настапат пролетни суши, растението нема да страда за вода, бидејќи ќе може да ја црпи од поголема длабочина“, објаснува Михајлов.
Овчеполскиот регион нуди голем потенцијал
Покрај сончогледот, професорот истакнува дека Овче полскиот регион има потенцијал и за одгледување на други маслодајни култури, како што се ленот и маслодајната репка.
„Постојат добри хибриди и на сончоглед и на маслодајна репка, што значи дека генерално се зголемуваат површините под маслодајни култури“, додава Михајлов.
Македонија сè уште зависна од увоз на масло за јадење
И покрај растечките површини под сончоглед, Македонија сè уште не може целосно да ги задоволи потребите за производство на сурово масло или готов производ – масло за јадење.
„Гледаме дека на рафтовите во супермаркетите има масло за јадење од различни држави, особено увоз од Србија. Но, добро е што државата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство водат добри земјоделски политики и го зголемуваат субвенционирањето на сончогледот“, вели Михајлов.
Тој нагласува дека посебно е значајно што субвенциите сега се поврзани со реалниот принос. Не е само со насадената површина, што дополнително ги мотивира земјоделците да постигнат повисоки резултати.
Владата со поддршка за земјоделците: Историска голема исплата за субвенции за земјоделците
Извор: МКД