Главната суданска протестна група денеска ја отфрли иницијативата на ОН за разговори со армијата со цел да се врати демократската транзиција во земјата по октомврискиот пуч. Тој потег е удар врз меѓународните напори за ставање крај на политичката блокада и покажува дека жестоките улични протести најверојатно ќе продолжат. Повеќе од 60 луѓе беа убиени за време на демонстрациите по воениот удар.
Понудата на ОН дојде една недела откако премиерот Абдала Хамдок поднесе оставка поради, како што рече, неуспехот да се постигне компромис меѓу воените власти и продемократското движење. Во соопштението на Здружението на судански професионалци (SPA), кое го предводеше бунтот против долгогодишниот автократ Омар ал-Башир, се вели дека „единствениот излез од кризата“ е војската да ја предаде власта на цивили. Тие бараат целосно цивилна влада која ќе ја води транзицијата, под мотото „Нема преговори, нема компромис, нема поделба на власта“ со армијата.
СПА е столбот на протестите против пуч, заедно со младинските групи познати како Комитети на отпорот.
Илјадници граѓани денеска излегоа на улиците на Картум и некои други градови, протестирајќи против воените власти. Полицијата ги растури и демонстрантите кои тргнаа кон претседателската палата во главниот град. Здравствените работници, кои се приклучија на протестите, бараат од владата да ја гарантира безбедноста во болниците, кои безбедносните сили постојано ги напаѓаа за време на демонстрациите.