Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против Зоран Јованов во предметот за сообраќајната несреќа во која загина пешакот Фросина Кулакова.
На денешното рочиште беа сослушани сведоци и беа изведени видео-докази од системот „Безбеден град“, при што одбраната повторно тврдеше дека не постојат директни докази дека обвинетиот му го доверил возилото на својот син, оценувајќи дека Обвинителството настапило недоволно подготвено при изведувањето и образложувањето на доказите.
Пред судот сведочеше пријателка на Васил Јованов, која изјави дека ретко се возела со него и дека никогаш не разговарале за тоа дали автомобилот му бил даден од неговиот татко. Таа наведе дека нема сознанија дека управувал возило без возачка дозвола, освен тоа што знаела дека во една прилика бил казнет.
Во текот на рочиштето беа прикажани три видео-снимки, за кои одбраната изнесе приговори, истакнувајќи дека од нив не може со сигурност да се утврди идентитетот на лицето, управувањето со возилото, ниту нивната суштинска релевантност за предметот. Посебно беше нагласено дека системот „Безбеден град“ не овозможува препознавање лица, што, според одбраната, го доведува во прашање доказното значење на снимките.
Од судот соопштија дека сите изведени докази ќе бидат ценети во завршната фаза од постапката.
Судењето продолжува во рамки на предметот поврзан со сообраќајната несреќа од јануари 2025 година, во која животот го загуби пешакот Фросина Кулакова, објави Скопје1.мк.
