Според пораките што ги читаше Трајчева, Даниел Станчев, Ирена Ивановска и Драги Рашковски разговараат за конкурирање на тендер.
Пораки од апликацијата Вибер од телефонот на обвинетиот Даниел Станчев од „Инвока груп“, денеска презентираше обвинителката Ивана Трајчева на судското рочиште за случајот „Софтвери“, каде што првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
Првата комуникација што ја презентира Трајчева беше од вибер-група меѓу обвинетите Даниел Станчев, Ирена Ивановска и Драги Рашковски, за кој обвинителката кажа дека бил запишан во телефонот како „Перо 078“, пренесува 360.
Според пораките што ги читаше Трајчева, тие разговараат за конкурирање на тендер, па така дел од комуникацијата што беше прочитана со датум од 5 јули 2019 година е:
Даниел Станчев: Да аплицираме со Инвока и ФИНКИ, така?
Даниел Станчев: Нема измени?
Перо 078: Па може
Даниел Станчев: И да не зборат, ќе не зборат за пари, не дека сме се посрале
Перо: Тешко ќе ја направат спојката
Ирена 077: Трајче ќе го јаде, не вие
Перо: Трајче и Перо
Даниел: Перо 50к за проектот за утре… Или повеќе па да спуштаме
Перо 078: SOOB?
Даниел Станчев: Да
Перо: Мапа
Даниел Станчев: Нема буџет, ние треба да ставиме од нас
Перо 078: Има предвиден
Даниел Станчев: (порака со линк од страната за јавни набавки)
Даниел Станчев: Падна сајтот на Бирото за јавни набавки. Ова го немаше Ѓоко кога беше директор
Перо 078: Игор знае колку е буџет.
Друга комуникација што читаше обвинителката е помеѓу Даниел Станчев и Игор Христов, кој беше и хонорарец во Владата, а бил запишан во телефонот на Станчев како „Игор Софтвер“. Во комуникација од јули 2019 тие зборуваат за распишана јавна набавка и за понудите на тендерот и која колку чинела. Дека станува збор за тендер во врска со софтверот за определување просечна брзина на возила во сообраќајот, според пораките што ги читаше обвинителката, станува јасно кога зборуваат која фирма колкава понуда дала и се споделуваат фотографии во врска со набавката од веб-страницата на Бирото за јавни набавки. Покрај „Инвока“, конкурирале и две други фирми, од кои едната дала пониска, а другата повисока понуда, се забележува од комуникацијата на Станчев и Димитровски.
– Сигурно ќе има бодување или да исфрлат за неисполнување услови, пишува Станчев во порака после информациите за понудата.
Во друга комуникација, пак, обвинителката читаше пораки помеѓу Станчев и обвинетиот Ивица Димитровски, професор на ФИНКИ. Во таа комуникација тие зборуваат за потпишување договор помеѓу Инвока и Факултетот во врска со аплицирање на тендер.
Рашковски по читањето на дел од комуникацијата реагираше дека ова е ворд-документ во кој се напишани пораки и бараше да се види каде е ваквиот документ на оригинално уесбе што го дало МВР од вештачењето на телефоните.
-Да се оди на десен клик на документот и ‘пропертис’ за да видиме кога е креиран, кој го креирал, која е автентичноста и каде што има слика да видиме како е импортирана, од кој извор… Ова е некаква приказна напишана на Ворд, рече Рашковски.
Обвинителката, пак, одговори дека уесбето се доставени во судот, а документот кој го отвора во судница кажа дека се пораки кои се селектирани од истражниот центар во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а кои се релевантни за судската постапка.
– Ова од причина што во уредот има комуникации кои воопшто не се однесуваат на предметниот настан, има и приватни комуникации… Со оглед дека откако е прегледен целата содржина која е екстрахирана од уредите, Обвинителството има направено анализа на доказите. Затоа таквите пораки се сублимирани во еден извештај, рече Трајчева.
Меѓу последните пораки што ги читаше обвинителката беа оние од телефонот на обвинетата Ирена Ивановска, преку апликацијата Вибер. И во нејзиниот телефон Рашковски бил запишан како „Перо 078“, а пораките што ги читаше Трајчева се во група во која се Ивановска, Рашковски и Даниел Станчев од „Инвока груп“, фирмата преку која е набавен софтверот за сообраќајни прекршоци. На почетокот на нивната комуникација, според презентираните пораки, обвинетиот Станчев пишува информација дека имало три понуди на тендерот и сите биле по „7 м.“ Покрај „Инвока“, другите две биле од фирмите „Лирекс“ и „Кинг“.
Понатаму, во пораките тие прашуваат кога е аукцијата, односно наддавањето, па зборувајќи на темата „Перо 078“ односно Рашковски им пишува на Станчев и Ивановска: „Гледајте да утнете и да се убијам“.
На 31 декември 2019 година, пак, тој им вели „аукцијата за сообраќајното ќе биде на 2 јануари”, како и дека „Инвока“ има 95 бода, „Лирекс“ – 90, а „Кинг“ – 85.
Тие, според тоа што го презентираше Обвинителството, пишуваат и на денот на аукцијата, па така Рашковски прашува дали се спремни, а Ивановска му одговара: „Да. Почнуваме во 10:30“.
Станчев, пак, во една од пораките вели „професорот им е бекап за наддавањето“ и оти му дале корисничко име.
Според пораките што ги читаше Трајчева, може да се заклучи дека понатаму во дел од нив тие даваат информации колку се симнала цената, а Рашковски во една им пишува: „Терајте. До 4“.
Меѓу последните пораки што се испраќаат во групата, односно кои ги прочита обвинителката е и таа во која обвинетата Ивановска пишува дека стигнале до 4 235 м. и завршиле.
„Ние?”, прашува „Перо 078“.
„Е кој друг“, одговара Станчев.