Судењеето за случајот Ласкарци предизвика дебата и создаде тензична атмосфера во судот, но отсуството по трет пат на вештакот Зекирија Зекири не успеа да го одложи денешното судење за трагичната несреќа. Повторно до судот поднел документ кој, според него, ја докажува здравствената состојба. „Не знам зошто не се појавува, го видов во град и изгледаше добро“, викаше еден од родителите на настраданите во несреќата, додека јавниот обвинител Дарко Јакимовски рече дека за ваквата состојба предупредил уште на првото рочиште.
Изборот на експерти кои би ја работеле супер-експертизата, како и нивните наоди покренаа дебата во јавноста. Освен што целата вина се обидува да се насочи само кон возачот на автобусот, овие експерти се со пониски академски звања во однос на вештаците кои ги изработија претходните, а лидерот на тимот на супер-експертизата, Зекирија Зекири е близок со ДУИ.
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски на денешното судење рече дека вештаците Зекирија Зекири и Дамјан Мирчевски воопшто и ги нема во списокот со надворешни соработници на Бирото за судски вештачења и покрај законската обврска за тоа.
Закон за вештачење, член 43:
„Бирото за судско вештачење е должно на својата веб-страница да ги објави списоците на надворешни соработници, вештаци и проценувачи.“
АЛСАТ ја потврди ваквата законска повреда, поточно дека имињата на овие двајца вештаци воопшто ги нема на списокот. Но, по телефонскиот разговор со директорот на Бирото за судски вештачења, Валдет Џафери, тие беа додадени.
Вештакот Јованка Савова се обиде да ги оправда наодите од супер-вештачењето, но и покрај обидите, обвинителот Јакимовски констатира 3 технички грешки од првата страница на супер-вештачењето. Тој се интересираше и како овие експерти дошле до заклучок дека коефициентот на кочниците кој е под законскиот минимум, не е меѓу причините за несреќата. Според неа, нема докази дека возачот на автобусот закочил, па кочниците не влијаеле на трагичната несреќа.
Коалицијата „Сите за правично судење“ го искритикуваа начинот на кој одговараа вештаците, односно како што се наведува, тие одговарале во хор, што претставува кршење на Законот за кривична постапка.
Следното рочиште е закажано за 16 март. Поминаа повеќе од 4 години од несреќата во која животот го загубија 16 лица, а 37 беа тешко повредени.