Сувајда потресена од нов бран насилство

Во јужната сириска покраина Сувајда, вооружени судири меѓу различни религиозни групи резултираа со најмалку 89 загинати, што е значително повеќе од првичните проценки. Според податоците на Сириската опсерваторија за човекови права, меѓу жртвите има 50 припадници на малцинството Друзи, 18 бедуини и 14 војници на сириската влада. Десетици други лица се повредени, од кои некои се во критична состојба, а меѓу нив има и деца.

Израелска интервенција врз сириските трупи

Израелската армија потврди дека ги нападнала тенковите на сириските владини сили кои биле распоредени во Сувајда за воспоставување ред. Претходно, Министерството за внатрешни работи на Сирија соопшти дека испратените единици имале задача да ја стабилизираат ситуацијата. Според информациите од теренот, судирите настанале по киднапирања меѓу бедуинските кланови и Друзите, откако младиот Друзец бил нападнат и ограбен на контролен пункт поставен од бедуини.

Непријателствата траат со години

Конфликтот меѓу бедуинските заедници и Друзите во Сувајда не е нов – напротив, тој постои со години и периодично ескалира во насилство. Последниот поголем бран судири се случи во пролетта 2025 година, кога загинаа десетици лица во пресметки меѓу поддржувачите на новата исламистичка влада во Дамаск и припадниците на религиозното малцинство Друзи.