„Сосема е јасно дека на овие избори се судрија два концепти — оној кој нуди реални решенија и иднина, и оној на лаги, манипулации и привиди,“ порача вечерва од митингот во Охрид лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во своето обраќање, Мицкоски остро го критикуваше својот политички противник, Венко Филипче, и владејачката СДСМ, обвинувајќи ги за „седумгодишно уништување на државата“ и „потценување на јавноста“.
-Вчера Венко ладнокрвно на телевизија соопшти дека сме наследиле средена држава. Неговата партија пред само пред година и половина беше на власт, истите тие луѓе кои 7 години по ред ја уништуваа државата. Си велам, дали човекот се слуша што зборува или така брутално ќе ја потценува јавноста дека во негово време течеле мед и млеко по улиците. Па ако било така, тогаш имаше можности тоа да го докаже и немаше ние заедно со народот да им го направиме историски најголемиот пораз на СДСМ, рече Мицкоски.
Тој посочи дека „СДСМ и ДУИ седум години партнерски ги разградувале темелите на земјата, додавајќи дека „СДСМ и Филипче биле подизведувачи на криминалот на Али Ахмети“.
-Наместо тоа, ако имало средена држава, народот ќе ги наградеше, а денес тој ќе беше претседател на владата. Но таквата одлепеност од реалноста говори дека и СДСМ и претседателот на СДСМ не извлекле поука од времето кога владееја со државата, дека народот ги казни поради сиромаштијата, двоцифрената инфлација, поради тоа што 600 илјади живееја со 150 денари на ден, поради тоа што тендерите и криминалот станаа заштитно лице на СДСМ и поради пазарџиската политика со државните интереси, предавствата и поигрувањето со најсуштинските теми за опстојбата на оваа држава. 7 години по ред, партнерски со ДУИ, ги разградуваа темелите на земјата. СДСМ и Венко Филипче беа подизведувачи на криминалот на ДУИ и Али Ахмети, кој денес се претвори во разкажувач на историски сказни со главна програма — сеење етничка омраза додека народот му се иселува. И вака некако изгледа средената држава според рецептот на СДСМ што во основа ми раѓа чувство на срам поради туѓиот срам.
А таму пак гледаме една партија во клиничка смрт, на апарати, која не може да се одлучи кого повеќе мрази — Бранко или Максим — ама кого и да мрази повеќе од овие двајца, важно е што еден највеќе го сака — тоа е Зоран Заев. Тој пак во времето на влажната клима на Дубаи го видовме како главен гуру во кампањата на СДСМ во Струмица. Вака некако изгледа политичката лепеза која ја нуди опозицијата, која пак се сојузува меѓу себе, во желба за гола власт, несвесна дека треба да се реформира, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
-Затоа е важно на овие избори сите овие политичари да добијат сериозна лекција. Затоа што ако не добијат, врел шамар и нокаут на изборите, тие ќе мислат во иднина дека ова може да им помине. Тие ќе мислат дека оставиле пристојна држава и дека неработењето и криминалот може да се наградат. Затоа е важно да се излезе и гласа во што поголем број, достоинствено и масовно, затоа што лекцијата значи нокаут уште во првата рунда од изборите. Затоа е важен секој глас, а работата да ја завршиме уште во првиот круг, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски најави дека очекува „убедлива и историска победа“ на неговата партија и Коалицијата, предвидувајќи дека во дел од општините резултатот ќе биде „од 3 спрема 1, па сè до 6 спрема 1“.
-А што се однесува до очекувањата од овие избори, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе има убедлива и историска победа, со најголем резултат било кога на локалните избори. Додека СДСМ ќе загуби и според бројот на освоени гласови ќе биде под биолошкиот минимум, резултатот најмалку ќе биде во одредени општини од 3 спрема 1 па се до 6 спрема 1 во други општини. Одиме на победа и работата да ја завршиме во првиот круг во голем број општини. Додека СДСМ вечерта на 19-ти ќе брои ливчиња, макар и едно повеќе од нивниот најслаб резултат на избори, за да покаже некаков успех. Но губитници се што СДСМ се натпреварува со своите претходни порази, а народот добро знае дека ниту Венко, ниту ова раководство на СДСМ, поминуваат во јавноста и кај народот. А што се однесува овде, во Охрид, ве повикувам да излеземе масовно на 19ти за два дена, да го заокружиме бројот 9, за заокружиме за идниот и сегашен градоначалник Кирил Пецаков, за победничката листа на советници на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, порача Мицкоски од завршниот митинг во Охрид.