Психијатриско вештачење потврди дека обвинетиот е психички стабилен и способен е за судење

Судечкиот совет одлучи дека обвинетиот Раде Трајковски Штекли е способен е за судење и може да ја следи постапката против него. Вештачењето покажа дека нема психичко растројство и дека е свесен за обвинението и текот на судењето.

И покрај неговите изјави дека има „змии во главата“, дека го следат албанска мафија и полицијата и дека има свој имагинарен учител. Судот ја прифати проценката на психијатарката Оливера Суботин Поповска. Таа оцени дека Штекли има „шизоидни карактеристики на личноста“, но не и ментално нарушување кое би го спречило да учествува во процесот.

Судијата појасни дека и вештачењето на психијатарот Ѓорге Ангелковски не е спротивно на ова мислење, бидејќи и таму нема дијагноза за трајна душевна болест.

Иако судот пресече дека нема потреба од супервештачење, обвинетиот денеска изјави дека „не го разбира обвинението“. Останатите обвинети, пак, повторија дека не се чувствуваат виновни.