Уставниот суд денеска одбележува 60 години од постоењето. По тој повод, судот се брендира со лого што е изработено првпат и во соработка со АД „Пошта“ и денеска е пуштена во употреба поштенска марка на која се претставени логото и стилизиран приказ на јубилејната година, објави Макфакс.

Претседателката Добрила Кацарска посочи дека овој јубилеј е гордост за целата држава, подолг и од самостојноста на Републиката, со оглед на фактот дека првиот Уставен суд на Македонија бил еден од шесте суда во Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

„Долгата традиција на постоење на Уставниот суд во нашата држава е доказ дека тој го положол тестот на времето и не потклекнал на предизвиците што се обиделе да ги поткопаат темелите на државата, демократијата и најсуштински владеењето на правото.

За судот, оваа 2024 година е симбол на уставната традиција и по тој повод преку многубројни активности тој ќе потсетува на важноста од неговото постоење во правниот поредок. Зад нас е повеќе од половина век постоење на Уставниот суд, па по тој повод решивме не само да ја информираме македонската јавност туку и да испратиме порака до светот дека нашата држава слави долга традиција, рече претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

На барање на Уставниот суд, АД „Пошта“ од денеска ја пушта поштенската марка „60 години Уставен суд на Република Северна Македонија“.

„Ние во ‘Пошта’ знаеме да кажеме дека поштенските марки се мали уметнички дела, дел од историјата, но и парче хартија, која го означува износот на платената поштарина. Марката со дизајн ’60 години од Уставниот суд’ е испечатена во тираж од 6.000 примероци, со номинална вредност од 36 денари. Дозволете ми во свое и во име на вработените од ‘Пошта’ да ви го честитам јубилејот од 60 години и да ви посакам успех во вашата работа“, рече директорот Истрефи.

Логото и дизајнот на поштенската марка ги изработи Стојанчо Величковски, хералдичар и дизајнер, кој на денешната прес-конференција во Уставниот суд пред јавноста даде приказ на користените симболи и бои при дизајнирањето.