Со изведба во живо на делото „Funeral March of the Proletarians“, познато во јавноста и како Ленинов погребен марш, учесниците на протестот во организација на Синдикатот на културата денеска упатија директна порака до уставните судии кои треба да одлучуваат за уставноста на колективниот договор за културата.

Преку овој перформанс синдикалците порачаа дека директно се погребуваат тешко стекнатите работнички права на вработените во секторот култура, доколку мнозинството уставни судии донесат одлука што ќе биде на нивна штета.

Денешниот протестен собир се одржува токму поради поведената постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, како и на одредбите од членот 78-и од Законот за култура.

Претставниците на синдикалната организација категорично предупредуваат дека евентуалното укинување на оспорените одредби директно и непоправливо ќе ги загрози стекнатите материјални и социјални права на вработените во културните институции.

Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, за време на своето обраќање пред присутните запраша зошто за колективниот договор за култура се расправа и одлучува токму денеска, со оглед на тоа што веќе следната недела им истекува редовниот мандат на двајца уставни судии, меѓу кои е и самиот претседател на Уставниот суд, кој претходно нивните работнички права јавно ги квалификувал како привилегија.

„Знаеме дека во овој суд има предмети што со години чекаат да дојдат на ред. Така се купувало мир. Но, некои имаат привилегија да бидат решени токму пред заминувањето на судиите. Еден од тие предмети, што ви стои во фиока, е иницијативата на СКРМ за Упатството за пресметка на платите во културата, донесено од поранешниот министер, а денес координатор за култура, Зоран Љутков, со кое платите во културата се незаконски скратени“, рече Атанасовска.

Таа исто така напомена дека протестот нема за цел да врши непримерен притисок врз одлучувањето на уставните судии, туку јасно и недвосмислено да им предочи дека со своето гласање ризикуваат засекогаш да погребат еден важечки колективен договор.

Атанасовска на крајот го повтори главното синдикално барање со кое се инсистира Уставниот суд веднаш да го одложи гласањето сè додека не се закаже и одржи официјална јавна расправа, каде синдикалните претставници ќе можат детално да ги изложат сите правни аргументи.