Жената против која се водат повеќе судски постапки поврзани со локалитетот „Куклица“ и на која Основниот суд во Кратово ѝ изрекол мерка на претпазливост со забрана за посетување на заштитениот локалитет, повторно била затекната таму на 11 јули. Од СВР Куманово информираат дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полициската интервенција следувала по пријава од посетителка која навела дека на домашни и странски туристи им бил попречуван пристапот до локалитетот. По извршената проверка, полициските службеници утврдиле дека лицето со иницијали С.Д.Б. престојувало на „Куклица“ и покрај важечката судска забрана.

„Од страна на Основниот суд во Кратово против С.Д.Б. е донесено решение со кое се определуваат мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за посетување на локалитетот ‘Куклица’, но на 11.07.2026 таа повторно била затекната таму. По целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од СВР Куманово.

Случајот е продолжение на повеќемесечните спорови околу управувањето со локалитетот. Посетители и Општина Кратово во повеќе наврати тврдеа дека пристапот до „Куклица“ бил ограничуван, а од туристите неовластено биле барани пари за влез. Во дел од пријавите се споменуваат и навреди, закани, фрлање камења и користење кучиња за заплашување на посетители, за што сè уште постапуваат надлежните институции.

Од МВР претходно соопштија дека уште во 2024 година до Основното јавно обвинителство во Куманово било доставено известување за случајот, по што бил поднесен обвинителен акт против С.Д., М.Д. и здружението „Извор“ за кривичното дело „узурпација на недвижности“. Дополнително, против С.Д. бил издаден казнен налог поради закани кон туристи со пуштање куче, а годинава против неа и нејзиниот сопруг Е.М.Б. е поднесена и кривична пријава за „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.