Жена од Гостивар била брутално претепана од својот сопруг, по што со тешки телесни повреди завршила во болница. Од СВР Тетово го потврдија настанот, посочувајќи дека станува збор за тежок случај на семејно насилство.

Случајот во полиција го пријавил таткото на повредената жена. Екипа на Итната медицинска помош ја пронашла жената во бесознание, по што таа итно била пренесена во општата болница во Гостивар. Откако се освестила и ѝ била укажана прва помош, со медицинско возило била транспортирана во Ургентниот хируршки центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Пациентката била примена со тешки повреди на главата и градниот кош, како и со видливи деформитети на лицето нанесени од ударите. Раководителот на Ургентниот хируршки центар, доктор Дејан Здравковски, потврди дека жената е задржана на детални лекарски прегледи.

„Пациентката е на иследување, има повреди на градниот кош и на главата, деформитети на лицето. Настанот се случил вчера, ама денес е пријавено. Полицијата е известена и разговара со неа. Жената е од Гостивар“, изјави Здравковски.

Од СВР Тетово информираа дека сопругот на повредената жена е веднаш лишен од слобода и спроведен во полициска станица за понатамошна постапка.

Повеќе детали за целиот настан и околностите полициските служби најавија во текот на утрешниот ден.