Сведоштво за хаосот во „Пулс“: Стампедо, чад и безживотни тела

Сведок кој кобната вечер бил гостин во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за првпат денеска во судницата во Идризово од лично искуство опиша што се случувало во моментот кога избувнал пожарот. Тој раскажа дека настанало стампедо, се чувствувал силен мирис на чад, а на скалите пред излезот едно лице паднало, по што сите се струполиле, пренесе МИА.

Малолетници во дискотеката и отсуство на контрола

Сведокот Иван Данаилов, кој на 16 март 2025 година бил на роденденска прослава во дискотеката, изјави дека објектот често го посетувал уште од малолетна возраст. Тој наведе дека не бил единствен малолетник во дискотеката, посочувајќи дека и на кобната вечер, како и години наназад, забележувал присуство на малолетни лица.

Критичната вечер, како што рече, купил карта на влезот од лица кои ги препознавал како обезбедување, бидејќи редовно биле присутни во дискотеката. Посочи дека не забележал службени значки, освен натпис „секјурити“ на јакните на дел од нив. Данаилов истакна и дека иако знаел дека постои втора врата, никогаш не видел да се користи, ниту пак забележал јасни ознаки за излез.

Моментите на пожарот и борбата за спас

Сведокот раскажа дека вечерта започнала вообичаено, иако дискотеката била преполна и движењето меѓу масите било отежнато. Бил свртен со грб кон бината и не го видел моментот кога избувнал пожарот, но претходно, како што наведе, во објектот биле одржувани настапи со оган.

Пожарот, според неговото сведочење, настанал во 02:33 часот, а бендот го прекинал настапот и побарал противпожарен апарат. При излегувањето, сведокот се разминал со лице кое носело ПП-апарат, додека кај излезот веќе владеело стампедо. До скалите успеал да остане на нозе, сè додека лице пред него не се сопнало, по што сите паднале еден врз друг.

Тој сведочеше дека останал лежечки со приклештени нозе и побарал помош од припадник на обезбедувањето, кој успеал да го извлече. Откако излегол надвор, ги барал своите пријатели, купувал вода и ја делел на повредените, сè додека полицијата не го затворила пристапот до објектот.

Судење обележано со тешки сведоштва

На вкрстени прашања, сведокот појасни дека не е сигурен дали втората врата била во функција, како и дека како малолетник никогаш не му била побарана лична карта, ниту забележал контрола на малолетни лица при полициски надзори.

Ова е прво рочиште годинава, откако претходното беше одложено поради изборот на бранителката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување за член на Судскиот совет. На последното рочиште во декември, семејствата на загинатите со силни емоции ги следеа сведочењата, додека обвинетите молчеа.

На почетокот на процесот, обвинителот Борче Јанев нагласи дека судењето има за цел утврдување лична и институционална одговорност, потенцирајќи дека трагедијата во „Пулс“ е резултат на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола.