Осветен храмот што социјалистите го срушија: „Свети Константин и Елена“ блесна во центарот на Скопје!

Утрово бев на свечената церемонија на осветување на храмот „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје. Освен мирот, спокојот и велелепната убавина на храмот, за мене утрово беше и час по историја.

Пишува: Никола Николовски

Сосема случајно, стоејќи во редот меѓу стотиците верници се запознав со еден дедо којшто ми кажа:

– „Овде сум крстен, кога имав 12 години земјотресот ја уништи, а на мои 19 години КОМУНИСТИТЕ ЈА СРУШИЈА“, ми рече мудриот старец.

На мој интерес, од него имав и час по историја, а го прочитав и статусот на Груевски.

Почетоци – 1909 до 1926 година

Во 1909 година, во турбулентно време за македонскиот народ започнала изградбата на мал храм во Влашко Маало на т.н. „десната страна“ на Вардар. Скопје тогаш броело околу 35 илјади жители, а овој дел од градот бил периферија што почнувала да се развива благодарение на железничката станица изградена во 1873 година. Поради бурните години на балканските и Првата светска војна, црквата се довршила во 1919 година, а била осветена во 1926 година. Таа претставувала еден од првите христијански објекти на десната страна на градот, кој постепено станувал централно градско подрачје.
Срушена по земјотресот и одлуката на властите – 1963 до 1970 година

Црквата била само малку оштетена во катастрофалниот земјотрес од 1963 година, но далеку од степен што бара рушење. Доволно било да се направат мали поправки за да се врати во функција. Сепак, тогашните социјалистички власти во 1970 година одлучиле да ја срушат целосно. Приоритет добил изградбата на платото пред скалите на Градскиот трговски центар (ГТЦ), кој тогаш започнувал да се гради. Со тоа, наместо реконструкција, Скопје изгуби дел од својата духовна и културна меморија.

Иницијатива за обновување – 2007/2008 година

По повеќе од три децении, во 2007 година се појавила можност за обновување. Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан ја поддржал идејата. Во рамки на проектот „Скопје 2014“ била предложена на Владата реконструкција на црквата „Свети Константин и Елена“ на плоштадот Македонија. Оваа иницијатива произлегла од стремежот да се врати објект кој со децении претставувал духовно обединување на заедницата. Сепак, по политички преписки владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се решава црквата да се изгради 300 метри подалеку, на улица Македонија веднаш до спомен куќата на Мајка Тереза. Политичката причина е затоа што ако имало црква веднаш до плоштадот, голема била веројатноста исламистите да се кренат и да направат џамија, како што се најавувало. Целта биле немири.

Обновена црква – денес

Со ѕвонење на камбаната, утрово во 8:30 часот почна церемонијата на осветување на храмот „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје. Важно е да се знае дека 440 донатори помогнаа за оваа црква. Секоја чест за секој еден од нив. Особено голема чест до уметниците кои освен од Македонија, беа од Русија, Украина и Бугарија. Многу фирми, но и политичка волја. Историјата ќе памети дека оваа црква е започната од Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ и завршена од Христијан Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Фактот е дека додека беше СДСМ со ДУИ на власт 7 години со мал прст не мрднаа за оваа црква. Чудно е како толку не го сакаат сопствениот народ.

Но, што е – тука е. Со своите фрески, иконостас и архитектонски детали, оваа црква од денеска па натаму ќе претставува духовен и културен центар во самиот срцe на Скопје. Разликата меѓу тогашното Скопје како мал провинциски град и денешниот главен град е огромна, а обновената црква симболизира враќање на изгубената меморија и континуитетот на верата и традицијата.

Ова е доказ дека нашето племе е ПИРЕЈ. Да бидеме редовни на тамошните литургии, да биде место каде ќе ги крштеваме нашите деца, каде ќе шетаме ние, но и странските туристи. Ова е лицето на Скопје и Македонија.

Збирајте се Македонци, бидете благословени!