Ватикан денеска ја потврди веста за смртта на папата Франциск, кој почина утрово на 88-годишна возраст. Кардиналот Кевин Фарел, ватикански камерленго, соопшти дека „Епископот на Рим, Франциск, во 7:35 часот се врати во домот на Отецот“.

Папата Франциск, чиј живот беше посветен на ширење на евангелските вредности, остави длабок траг во Католичката црква и светот. „Тој нè учеше на верност, храброст и универзална љубов, особено кон најсиромашните и маргинализираните“, изјави кардиналот Фарел, додавајќи дека неговото дело ќе остане пример за вистинско следење на Христовите учења. Со благодарност за неговиот живот, верниците сега ја препуштаат неговата душа на Божјата милост.

Здравјето на папата Франциск беше кревко во последните години. На 14 февруари 2025 година, тој беше хоспитализиран во поликлиниката „Џемели“ во Рим поради бронхитис. Со оваа состојба , папата се соочуваше и порано поради хронични проблеми со белите дробови. Уште на 21-годишна возраст му беше отстранет дел од едното белодробно крило, а подоцна во животот разви и плевритис, што го правеше особено подложен на респираторни инфекции. И покрај овие предизвици, папата продолжи да ги исполнува своите обврски, вклучувајќи и благослов на верниците на Велигденската миса на 9 февруари во плоштадот „Свети Петар“. На таа миса, поради здравствената состојба, тој не ја предводеше службата, туку ја довери на кардиналот Анџело Комастри.

На Велигден, папата Франциск изненади многумина со кратка обиколка со папамобилот низ плоштадот, поздравувајќи ги илјадниците собрани верници. Иако често користеше инвалидска количка или бастун за движење, неговата енергија и посветеност останаа инспирација за многумина.

Светот сега тагува за папата кој беше препознатлив по својата скромност, блискост со луѓето и заложбите за социјална правда. Ватикан засега не соопшти детали за погребот или за процесот на избор на нов папа, но се очекува верниците ширум светот да му оддадат почит на Франциск во наредните денови.