Долгорочното влијание на климатските промени врз достапноста до водата и зголемувањето на нивото на морето се повеќе ќе претставува закана за здравјето на луѓето и нивната способност да заработат за живот во наредните децении, покажа вториот дел од извештајот на Гроундсвел.
Првиот дел беше објавен во 2018 година и ги опфаќаше регионите на субсахарска Африка, Јужна Азија и Јужна Америка, а вториот го прошири опфатот на Источна и Централна Азија и Пацификот, Северна Африка и Источна Европа.
Авторите откриле дека „внатрешните миграции поттикнати од климатските промени во следните три децении“ можат да ескалираат и најтешко да ги погодат „најсиромашните и најранливите области“ и нивниот развој.
Субсахарска Африка би регистрирала најмасовни внатрешни миграции до 2050 година, со околу 86 милиони мигранти. Следуваат Источна Азија и Пацификот со 49 милиони, и Јужна Азија со 40 милиони.
Во Источна Европа и Централна Азија, пет милиони луѓе би можеле да бараат ново место за живеење во својата земја.
– Климатските промени би можеле да ги принудат луѓето да мигрираат во неволја. Земјите би можеле да се соочат со жаришта на климатска миграција уште во 2030 година, а процесот потоа ќе се интензивира и ќе се прошири, нагласуваат лидерките на тимот Канте Ригауд и Вивијан Клемент.
– Нешто повеќе може да се направи за да се спречи ова. Нема сомнеж дека основните услови за ублажување на ефектите од климатските промени во животот на луѓето се намалување на емисиите на штетни гасови и зелениот, еластичен и инклузивен развој, посочуваат Ригауд и Клемент.