Германскиот производител Opel најави претставување на својата нова визија за технолошки напредни каравани на овогодинешниот Саем за автомобили во Париз. Во фокусот ќе биде концептот Opel Sports Tourer eXperimental (STX Concept), кој ја симболизира следната еволуција во дизајнот на германскиот бренд.
Компанијата меѓу 12 и 18 октомври ќе ја изложи целата своја гама на динамични GSE модели, чија кратенка означува „Grand Sport Electric“. Посебно внимание привлекува новиот Opel GSE 27FE, тркачки болид за Formula E GEN4 со повеќе од 800 коњски сили, кој првпат ќе биде претставен во својата официјална верзија за Светското првенство.
Публиката во Париз ќе може да ја види и новата Opel Corsa GSE, градски спортски автомобил со моќност од 207 kW односно 281 коњска сила. Возилото забрзува од 0 до 100 километри на час за само 5,5 секунди, што го прави најбрз меѓу актуелните сериски модели на компанијата. Понудата ќе биде проширена и со нивото на опрема GSE Line кај Astra, како и со рели-моделот Mokka GSE.
Прес-конференцијата на која ќе се презентираат сите технолошки новитети ќе ја водат извршниот директор Флоријан Хитл, потпретседателката за маркетинг Ребека Рајнерман и потпретседателот за дизајн Марк Адамс.
