Живееме предизвик од време, живееме изместено и од координатите на општото добро, но и од координатите на личните достигнувања. Не само пандемијата туку и промените во светот, животот, дома, придонесе и на театарот да му се измести комоцијата. Како и секогаш, кога имало вакви разбурботени времиња, театарот се обидувал да се снајде.Театарот е пиреј. Преживува и преживеал сѐ, се вели во македонската порака по повод Светски ден на театарот – 27 Март што ја упати театрологот, писателка и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Ана Стојаноска.
Според Стојаноска, театарот преживува и преживеал се, не само болести, војни, уништувања, туку и печатот, радиото, телевизијата, видеото, дури и интернетот.
Таа посочува дека театарот ја носи во себе интимната човекова доблест – да се снајде! Исто колку што ја носи и таа да се спротивставува.
Театарот, според Стојаноска, е гласот на отпорот во миговите кога сите други гласови се замолчени.
-Затоа е многу важно да го чуваме. Нам, што нѐ припитомил театарот, задача ни е да сме гласни и кога другите молчат, да кажеме кои факти се неточни, на кое место минатото на театарот е фалсификувано. Затоа што и тоа се случува. И денес. И кај нас. Бидејќи ние го создаваме театарот – писателите, режисерите, актерите, костимографите, кореографите, музичарите, сценографите, дизајнерите на светло,
видеоуметниците, сите активно вклучени театарски луѓе, но, и публиката, критичарите, театролозите, професорите од театарските школи, академии и факултети, на нас е и одговорноста, да го чуваме театарот, да му овозможиме да се снајде и да преживее и во вакви времиња, се вели во пораката на Стојаноска.
Таа порачува да бидеме похрабри, драмските автори и писателите да пишуваат поотворено, похрабро, помоќно, режисерите да не си седат комотно во комфорните зони, актерите да се предизвикаат себеси и да направат уште поголеми изведби.
Најважно од сѐ, како што појаснува, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма на една театарска заедница, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат, затоа што ние сите му требаме на театарот.
Режисер на театарски претстави и опери, програмски директор на фестивали, Питер Селерс од САД во светската порака по повод Светски ден на театарот вели дека театарот е уметничка форма на доживување.
-Во светот преоптеретен од празни пресс кампањи, симулирани искуства, одвратни прогнозирања, како да се издигнеме над бесконечното повторување на броеви за да го искусиме квалитетот и едноставноста на животот, суштината на екосистемот, пријателството, квалитетот на светлината на чудното небо? Две години КОВИД-19, кој ги отапе сетилата на луѓето, го ограничи животот на луѓето, ги скрши врските, и не постави на чудна нулта точка во човечкиот хабитат. Кои семиња се потребни да се посадат и повторно насадат во овие години, и што е надраснувањето на инвазивните видови кои потребно е конечно и засекогаш да се отстранат? Толку многу луѓе се на работ. Толку многу насилство проникнува, ирационално или неочекувано, вели Селерс во пораката.
Според Селерс, театарот на епската визија, цел, обнова, исцелување и грижа има потреба од нови
ритуали.
-Нам не ни треба да не забавуваат. Нам ни треба да се собереме. Ни треба да споделиме простор, и ни треба да го култивираме споделениот простор. Нам ни требаат заштитени простори за длабоко слушање и балансирање, објаснува режисерот.
Театарот, посочува Селерс, е креација на земјата, простор на баланс помеѓу луѓето, боговите, растенијата, животните, капките дожд, солзите и регенерацијата.
-Просторот на еднаквоста и длабокото слушање е осветлено од скриената убавина, која се одржува жива во длабока интеракција со опасноста, балансот, мудроста, активноста и трпението. Ова е време за длабоко освежување на нашите умови, сетила, нашата имагинација, нашите истории и нашите иднини. Оваа работа не може да ја направат изолирани луѓе кои работат сами. Оваа работа треба да ја направиме заедно. Театарот е покана да ја направиме оваа работа заедно, објаснува Селерс во пораката.