Чилеанската комисија за бакар (Кочилко) ја зголеми својата проценка за цената на бакарот оваа година за 11,4 отсто поради недостигот предизвикан од војната во Украина.
Кочилко сега очекува една фунта (половина килограм) бакар да чини 4,4 долари оваа година.

„Прогнозата е зголемена поради економските фактори доминирани од контекстот на опаѓање на залихите на пазарите за метал и ризикот дека глобалната понуда на метал нема да ги исполни очекувањата“, објасни Кочилко.

– Иако зголемувањето на цените е добро за Чиле, најголемиот светски производител на бакар, тоа нема целосно да влијае на наплатата на даноците бидејќи се зголемуваат и цените на горивото, челикот, поморските производи и рудата, изјави министерката за рударство Марсела Хернандо.

Чилеанскиот регулатор, исто така, ја зголеми својата прогноза за цената на бакарот следната година, за четири отсто, на 3,95 долари за фунта.

Се проценува дека Чиле оваа година ќе произведе 5,78 милиони тони бакар, 2,6 отсто повеќе отколку во 2021 година.

Според Кочилко, светскиот пазар на рафиниран бакар годинава ќе забележи дефицит од 104.000 тони, што ќе ја намали залихата на метали на берзата. Во 2023 година треба да се забележи вишок од 329.000 тони.