Контрола на алкохолот и превенција на рак во Европа

Светската здравствена организација (СЗО) денеска повика на итни и решителни политички мерки за контрола на алкохолот, со цел да се спречат десетици илјади случаи на рак во Европа.

Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРК) истакнаа дека силните политики за алкохол се меѓу најпаметните инвестиции што една држава може да ги направи.

„Таквата политика спасува животи, заштедува пари и покажува резултати во рок од неколку години“, наведуваат од СЗО.

Европската унија со висок ризик од рак поврзан со алкохол

Според новиот извештај, Европската унија е еден од регионите со највисока потрошувачка на алкохол во светот и истовремено е регион каде што ракот е водечка причина за смрт. Во 2020 година, алкохолот предизвикал околу 111.300 нови случаи на рак, меѓу кои десетици илјади се рак на дебелото црево, дојка и уста.

ИАРК првпат детално ја разгледува превенцијата на случаи на рак поврзани со алкохолот, при што експертите идентификуваа најмалку седум различни типови рак кои можат да се спречат со соодветни мерки.

„Оданочувањето на алкохолот, ограничената достапност и строгите забрани за рекламирање ја намалуваат потрошувачката и со тоа го намалуваат товарот од рак“, наведува копенхашката канцеларија на СЗО за Европа.

Гундо Вајлер, директор за превенција и промоција на здравје при СЗО Европа, предупреди дека земјите од ЕУ субрегионот плаќаат висока цена за алкохолот, во форма на спречливи случаи на рак, растурени семејства и милијарди евра трошоци за даночните обврзници.

„Европскиот регион на СЗО не може да си го дозволи привидот дека консумирањето алкохол е безопасно“, додаде Вајлер.