Експертите од Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупредија дека континуираната администрација на бустер дози не е добра стратегија во борбата против новите варијанти на Ковид-19.
Тие ги повикаа научниците да работат на развој на вакцини кои подобро штитат од новите соеви.
„Стратегијата за вакцинација базирана на дополнителни дози од оригиналниот состав на вакцината веројатно нема да биде соодветна или одржлива“, се вели во соопштението на експертската група на СЗО.
СЗО наведува дека прелиминарните податоци покажуваат дека постоечките вакцини во случајот со варијантата омикрон се помалку ефикасни во спречувањето на симптоматска болест. Додаваат дека сегашните вакцини продолжуваат да обезбедуваат значителна заштита од потешките форми на болеста.
Експертите сметаат дека „потребни се и треба да се развијат вакцини против Ковид-19 кои ќе имаат висок ефект врз спречувањето на ширењето на инфекцијата и нејзино спречување, притоа спречувајќи ги тешките форми на болеста и смртта“.
Ова ќе овозможи да се ограничи влијанието на Ковид-19 врз здравјето, но и да се намали „потребата од ригорозни епидемиолошки и социјални мерки од широк опсег“.
„Во пресрет на ваквите вакцини и во согласност со развојот на вирусот САРС-КоВ-2, можеби ќе треба да се прилагоди составот на сегашните вакцини против Ковид-19 за да се осигура дека тие продолжуваат да го обезбедуваат нивото на заштита од инфекција, вклучително и од омикрон,“сметаат експертите.