Светската здравствена организација (СЗО) денеска повторно повика на продолжување на имунизацијата со вакцината на „АстраЗенека“, неколку часа пред изјаснувањето на Европската агенција за лекови (ЕМА) за таа вакцина против коронавирусот.
Советодавниот комитет на СЗО за безбедност на вакцините утре треба да објави проценки за вакцината на „АстраЗенека“.
– Во моментов, придобивките од вакцината на „АстраЗенека“ се многу поголеми од ризиците и нејзината употреба треба да продолжи за да се спасат животи, рече на прес-конференција директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
ЕМА попладнево треба да направи проценка на вакцината на „АстраЗенека“ откако неколку земји од Европската унија престанаа да ја користат поради појава на тромб кај луѓе кои примиле од таа вакцина.
– Пријавување потенцијални несакани ефекти е рутина во кампањите за вакцинација. Ова не мора да значи дека овие настани се поврзани со вакцинирањето, рече Клуге.
Тој додаде дека „засега не е познато дали некои или сите случаи се предизвикани од вакцината или од други фактори“.
– СЗО ги проценува најновите безбедносни податоци и потоа ќе ги објави резултатите, истакна Клуге.