Судењето против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште четворица обвинети за попречување на правдата продолжи денеска во Специјализираните совети на Косово во Хаг, со завршните зборови на обвинителството.
Главната обвинителка Кимберли Вест во завршниот збор рече дека предметот содржи „часови снимки и документи што сведочат за опструкција на правдата“. Таа тврди дека Тачи формирал мали групи со други обвинети кои познавале одредени сведоци, со цел да влијаат врз нивните искази и да ги насочат во согласност со неговите интереси.
Според обвинителството, Тачи на другите обвинети им давал и инструкции како да ги променат своите претходни искази. Обвинението смета дека со ваквите активности обвинетите се обиделе да влијаат врз сведочењето во одделниот процес во кој Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК се товарат за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Во процесот за попречување на правдата, покрај Тачи, обвинети се и поранешниот командант на ОВК Исни Килај, поранешниот шеф на Косовската разузнавачка агенција Башким Смакај, поранешниот припадник на ОВК Фадил Фазлиу и поранешниот косовски министер за правда Хајредин Кучи. Судењето започна кон крајот на февруари.
Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи беа уапсени во Хаг на 4 и 5 ноември 2020 година, по потврдувањето на обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на војната на Косово во 1998 и 1999 година. Сите четворица се изјаснија за невини и ги отфрлија обвиненијата.
Судењето за воените злосторства започна на 3 април 2023 година, а во февруари 2026 година обвинителството побара по 45 години затвор за секој од четворицата поранешни лидери на ОВК. Специјализираните совети на Косово најавија дека пресудата во тој процес ќе биде објавена на 16 септември.
