Американскиот претседател Доналд Трамп го прашал „Грок“ – чет-бот со вештачка интелигенција во сопственост на Илон Маск – како би реагирале Венецуелците доколку САД го заробат тогашниот претседател Николас Мадуро; ова се случило неколку недели пред тој да ја нареди операцијата за негово заробување, објави во четвртокот списанието „Тајм“, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Во декември 2025 година, Трамп одржал приватна средба со Маск во Овалната соба и поминал часови поставувајќи му прашања на „Грок“ за своето претседателствување и наследство, наведе списанието, повикувајќи се на официјално лице присутно на средбата.
Едно од прашањата на Трамп се однесувало на тоа како би реагирале Венецуелците доколку САД го заробат Мадуро. Според официјалното лице цитирано од списанието, „Грок“ го опишал Мадуро како „репресивен и крајно непопуларен диктатор“ и оценил дека многу Венецуелци веројатно би го прославиле неговиот пад.
Следниот месец, Трамп нареди мисија за фаќање на Мадуро. Американските сили ги фатија Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, за време на воена операција во Каракас на 3 јануари и ги префрлија во САД.
Мадуро беше одведен во Њујорк за да се соочи со федерални обвиненија за трговија со дрога, кои тој ги негира.
Откако некои Венецуелци го прославија апсењето на Мадуро, Трамп стекна впечаток дека „Грок“ е „генијален“, објави списанието, повикувајќи се на официјални лица.
