Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да размислува за уставни измени доколку нема гаранции, нагласувајќи дека очекува Европската унија да покаже поактивен пристап кон исполнувањето на обврските од страна на источниот сосед.
„Без гаранции не ми паѓа на памет да размислувам за уставни измени. Нашата позиција е јасна, ние не ги игнорираме обврските што претходната влада на СДСМ ги прифатила, за жал, но исто така не гледаме дека нашиот источен сосед прави нешто во насока на испорака на своите обврски. Очекуваме поробусна акција од ЕУ и кај нашиот источен сосед, односно кај нивниот партнер во рамки на европското семејство, зашто сме виделе во минатото многу пати – кога се сакало сè се можело,“ порача Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за ставот околу Резолуцијата и за рокот за уставни измени до февруари, предложени од опозицискиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, Мицкоски рече дека ќе даде „одговор во два дела“.
„Првиот дел е дека, за жал и ова раководство на СДСМ ја продолжува практиката на претходните раководства на СДСМ да ги руши позициите на македонската Влада и на државата, да ги распродава идентитетските и националните приоритети, од, за мене, неразбирливи причини. Ако на времето тоа го правеа за да се одржат на власт, за да можат да ги злоупотребуваат институциите и ресурсите на државата, не го оправдував, се разбира за тоа има одговорност, но и некако ги разбирав,“ изјави премиерот.
Тој додаде дека денес не разбира зошто од опозиција се подриваат позициите на Владата: „Сега не ги разбирам од опозиција зошто мора да ги подриваат позициите на Владата којашто грчевито се бори, тоа што тие го распродадоа, изминатите 7 години кога беа во влада, да го поправи. И на меѓународен и на домашен план.“