„Со предлогот за уставните измени се побија сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за техниички измени на Уставот кои не задираат во идентитетските прашања. Не се доведува во прашање народот и идентитетот и паѓа во вода се што говореше ВМРО-ДПМНЕ“ изјави пратеникот од СДСМ, Миле Талески во „Само вистина“ на Канал 5.
Тој додаде дека со уставните измени се менува Преамбулата и делот во уставот каде што се набројуваат народите кои ја сочинуваат државата и дека со тоа не се загрозува македонскиот идентитет.
„Сега имаме шанса ние како пратеници да ги ставиме настрана теснополитичките интереси, да не работиме за лични рејтинзи на одредени лидери, туку за граѓаните“ рече Талески.
Пратеникот од СДСМ кажа дека тие имаат подадена рака до ВМРО-ДПМНЕ и до сите пратеници што ѝ мислат добро на државата.
„Целта на целиот процес е интеграција на државата во ЕУ. Кога сите највисоки, најголеми лидери од цел свет, од ЕУ, од САД ни укажуваат дека сега е шансата која мора да ја искористиме, да влеземе на брзата трака во ЕУ, мораме да ја искористиме“, рече Талески.