„Факт е дека Владата на СДС предложи законско решение и ДУИ во кое што беше предвидено зголемување на данокот на додадена вредност за пелетите. Факт е дека потоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа амандман и исто така е факт после неколку дена пратениците на СДС поднесоа ист таков амандман велејќи дека тие се тие што немало да дозволат зголемување на ДДВ. Е , сега се поставува прашањето дали се тие оние исти пратеници од владејачката коалиција кои што претходно седум закони кои што беа дел од проекто „Бехтел и Енка“ без да ги прочитаат, без да го видат Договорот со „Бехтел и Енка“ ги ставија во собраниска процедура или се пак оние истите кои што имаат проблем што значи два – три дена порано, а што значи два – три дена подоцна“, запраша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при гостување во ТВ Тера.

Мицкоски додаде дека е потребно да се намали данокот на додадена вредност и на сметките на електричната енергија со цел да не трпи стандардот на граѓаните на Република Македонија, пренесува Курир.

„Стандардот на граѓаните трпи удари не само од зголемените даноци туку и со инфлацијата која што цела година руши рекорди. Ние не сакаме да имаме политички кредит од сето ова, нека бидат пратениците од СДС еве тие и нека ги предложат овие амандмани, а ние јас ви ветувам како Коалиција и пратеничка група тоа ќе го поддржиме во Парламентот. Нека бидат тие пратениците кои што ќе побараат повлекување на овие закони од собраниска процедура и нека бидат кои што ќе предложат амандмани“, укажа Мицкоски.

Тој укажа дека во текот на вчерашниот ден пратениците од владејачкото мнозинство одбија да има јавна дебата.

„Така за жал СДС и Владата ја водат својата политика“, нагласи Мицкоски.