Откако Радио Лидер попладнево објави дека кадар на Алијансата за Албанците се токми за директор на болницата Св. Еразмо во Охрид, со реакција се јави лидерот на партијата Арбен Таравари.
-Категорично го демантирам денешниот напис на порталот „Лидер“ во кој се тврди дека Алијанса за Албанците планира да именува нов директор на болницата во Охрид. Авторот на текстот се повикува на таканаречени високи извори од Министерството за здравство и е во целост едностран, без каков било обид да ме контактира како лице што е споменато во написот за коментар или појаснување.
Како претседател на Алијанса тврдам дека наводите во написот се во целост лажни и неосновани. Нашата партија нема намера да се меша во работењето на ниту една болница, почитувајќи ја нивната автономија во целост.
Ваквиот сензационалистички, едностран и неаргументиран пристап во информирањето создава штета не само врз медиумот, туку и воопшто врз довербата на јавноста.
Јас и понатаму останувам отворен за соработка со сите медиуми, очекувајќи да ги почитуваат највисоките новинарски стандарди во своето информирање. – напиша Таравари.
Со ова, лидерот на Алијанса практично не демантира дека лице од надвор ќе биде донесено за директор.
Лидер претходно објави дека огромен скандал е на повидок во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо” во Охрид, во јавноста позната како „Костозглобна”. Како што дознава Радио Лидер, се подготвува вистински упад во оваа институција од страна на Алијанса на Албанците.
Како што не информира висок извор од Министерството за здравство, на оваа болница мерак и фрлил Арбен Таравари, па во неа се подготвува да биде назначен за директор, кадар од неговата партија, кој не е вработен таму.
-Ова е своевиден преседан, затоа што во оваа болница никогаш не бил поставен директор кој не е вработен во институцијата, а сега ќе биде донесен човек од надвор и тоа од Алијанса на Албанците. Ова е преседан, знаејќи дека најголем дел од докторите и персоналот не прифаќаат човек од вакво миље. – вели нашиот извор.
Како што дознаваме оваа информација веќе се проширила помеѓу вработените, кои подготвуваат бунт.
Во моментов ВД директор на болницата е докторот Ацо Велески кој е експерт со долгогодишно искуство, а на негово место ќе биде донесен партијаш и тоа од Алијанса на Албанците.
-Во оваа болница низ годините се разви пракса самите доктори да го предлагаат директорот од нивните редови, па која партија и да е на власт владееше меѓусебно почитување. Сега ќе дојде да ги раководи човек кој не знае ништо за клиниката. – вели нашиот извор.
Св. Еразмо е регионален центар во областа во која работи, таму се прават операции од најкомплициран карактер, рамни на оние на клиниката во Скопје. Во исто време, оваа болница е прилично профитабилна затоа што во неа доаѓаат пациенти и од странство, поточно од соседна Албанија, кои плаќаат на приватно за здравствените услуги. Во исто време, најголем дел од вработените се по потекло од Охрид и охридскиот регион, па назначувањето на директор од Алијансата на Албанците, дополнително ги иритира.