Алијанса за Албанците ја напушта Владата – Таравари најави враќање во опозиција

Министерот за здравство и лидер на крилото од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, синоќа објави дека неговата партија едногласно донела одлука да ја напушти Владата и да премине во опозиција. Одлуката била донесена на состанок во Тетово, како резултат на, како што рече Таравари, неисполнети ветувања и сè поголемо незадоволство кај граѓаните.

Проблеми во коалицијата: Критики за балансерот и Законот за јазиците

Таравари ги наведе балансерот и Законот за употреба на јазиците како дел од причините за напуштањето на владиниот состав. Според него, граѓаните очекувале конкретни резултати, а неговата партија не сакала да продолжи да биде дел од влада која, како што вели, не ги исполнува тие очекувања.

Дополнителен притисок, според Таравари, биле и несогласувањата со коалициските партнери од движењето „Вреди“, особено околу излегувањето со сопствени листи на претстојните локални избори во октомври.

Дали проблемот за напушање на коалицијата е паркингот на Клинички?

Љуљзим Фаризи во рамки на емисијата „Утринско еспресо на Радио Лидер“ рече дека Таравари ја напушта коалицијата заради паркингот на Клинички. Имено, тука започнале несогласувањата со премиерот Мицкоски и останатите лидери од ВЛЕН.

ФАРИЗИ ГО ОТКРИВА ПЕКОЛНИОТ ПЛАН НА ТАРАВАРИ: Зошто невестата се враќа дома?

Без договори со ДУИ, најавени средби со Мицкоски и Филипче

И покрај шпекулациите за можни нови договори со ДУИ, Таравари потенцираше дека нема официјална соработка со ниту една политичка партија. Тој најави дека во наредните денови ќе оствари средби со премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за да ги информира за одлуката.

Таравари потврди дека сите кадри на партијата во владата веќе се во оставка и ќе се повлечат откако ќе бидат назначени нови министри. „Ќе му се вратиме на граѓанинот. Ние сме уникатна партија и подготвени сме да побараме нов мандат на локалните избори“, изјави Таравари.