В.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари повтори дека наскоро ќе го објават сетот мерки кои ќе бидат услов партијата да гласа за уставните измени, но не прецизира кога точно тоа ќе се случи, бидејќи, како што кажа, не е ништо итно.
– Наскоро ќе го објавиме сетот мерки. Ние сега анализираме кога треба да го објавиме тоа, во меѓувреме сме во консултација со меѓународни експерти, меѓународниот фактор и интелектуалци. Кога ќе дојде моментот, кога ќе видиме дека е моментот да се објави, тогаш ќе го објавиме, ништо итно, рече Таравари за ТВ Коха.
Таравари неодамна на прес-конференција порача дека АА може да гласа за уставните измени во Собранието, ако се усвојат сетот мерки кои ќе ги презентираат пред амбасадите и јавноста.
Една од најважните мерки, како што посочи, ќе биде во Уставот да се вметне албанскиот јазик наместо формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“.
Од АА најавија дека за ова прашање ќе иницираат и средба со сите политички партии.