Додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ различно си ги толкуваат заклучоците од лидерската средба, а ДУИ одлучува да ја напушти Владата за да не го кочи процесот кон ЕУ, коалицискиот партнер во власта на Димитар Ковачевски, Арбен Таравари вели дека тие и покрај сите случувања, тие како партија ќе продолжат да го туркаат своето барање за отстранување на 20 проценти во Уставот.
– Ние како Алијанса за Албанците ќе продолжиме да го туркаме напред нашето барање за отстранување на 20 проценти кои го негираат албанскиот идентитет и воведување на албанскиот јазик во Уставот на земјата, рече Таравари на прес-конференција.
Останатите две пораки на лидерот на Алијанса за Албанците се:
„Прво, иако нивните услови се конфузни и надвор од реалноста, ја поздравуваме новата волја на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени. Како што сите знаеме, нашата преговарачка рамка одобрена од 27-те земји-членки на ЕУ експлицитно го условува отворањето на преговорите со усвојување на уставните измени. Значи, првин усвојување на уставните измени, а потоа отворање на преговорите. Затоа, оценувам дека условот на македонската опозиција за суспензивни уставни измени е едноставно неостварлив, бидејќи е во спротивност со преговарачката рамка на ЕУ. Уставните измени треба стапат во сила најдоцна до моментот на одржување на Втората меѓувладина конференција.
Второ, во однос на условот на ВМРО-ДПМНЕ за излез на албанските партии од владата, сакам да нагласам дека нас нè интересира завршувањето на европскиот процес и перспективата на граѓаните, а не изборните калкулации. Алијансата за Албанците реши да влезе во владата заради процесот, но ќе се адаптира во зависност од новите околности, дали во владата или надвор од неа. За нас е важно само завршувањето на процесот и ќе дадеме свој придонес, без услови и без уцени“.
Алијансата за Албанците до крајот на неделата ќе одржи состанок на раководството на партијата од каде ќе излезат со усогласен став во партиските органи.