Претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист датум – предлага лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, нагласувајќи дека има изгледи да се постигне консензус за ова прашање.

Одговарајќи на новинарско прашање околу одржувањето на претстојните избори, Таравари напомена дека не го сменил ставот искажан и пред една година.

– За Македонија како сиромашна држава подобро е овие избори да се одржат заедно, на ист датум, и да не се двојат. Против идејата сум во декември да има парламентарни, па во март претседателски. Исто сум против и за опцијата претседателски во март или април, а во јуни или јули парламентарни – рече Таравари.

Лидерот на Алијанса за Албанците смета дека тие идеи ќе бидат голем трошок што ќе падне врз обичниот граѓанин.

– Народот е исцрпен и тоа се дополнителни трошоци. Одвоените избори непотребно ќе потрошат многу енергија – и на народот и на политичките партии. Потребна е голема кондиција за да се издржат два круга избори за три месеци и тоа ќе генерира дополнителни трошоци – додаде Таравари.

Тој очекува решението да дојде од средби на заедничка маса, бидејќи, како што потенцира, за датумите за избори политичките партии досега се договарале и одлучувале со консензус.