За Арбен Таравари, претседателот на Алијанса за Албанците, предлогот за уставни измени на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив, бидејќи како што вели, примерот со Хрватска е несоодветен за македонски прилики, при тоа користејќи се со проценти од вкупното нерезидентно и резидентно население.
„Решението што го нуди овој политички субјект во однос на Преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти, реагира Алијанса на Албанците на повикот на опозициската партија да го следиме хрватскиот терк при уставните измени.
Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење“, велат од Алијанса за Албанците.
Инаку вкупното население што живее во земјава е 1.836.713 граѓани, од кои најмногу – 58,4 отсто се Македонци, а 24,3 Албанци, покажа минатогодишниот попис. Споредбено со 2002, намалување има и кај Македонците за над 200.000 и кај Албанците за околу 60.000, но колку тоа е во реалноста, јасна слика не може да се има, бидејќи административно биле попишани околу 132.000 луѓе или 7,2 отсто.. За нив информациите биле прибрани преку бази на податоци, но не се знае етничка припадност.