Доколку за премиерот претставува проблем кој е чиј, а не кој каков квалитет и стручност поседува, тогаш имаме проблем, вели за МТВ првиот синдикалец Тасевски. Посочува дека не е во ред да биде прозван, а ги има сите можни дозволи и 30 години работи квалитетно и стручно.

Непотизам цвета во Македонска навигација. Фирмата станала семејна, така што роднинските врски меѓу вработените одат и до трето колено, тврди премиерот Ковачевски. Тој посочи дека претседателот на Синдикатот не е единствениот вработен од семејството Таевски и дека во Контрола на летање работи неговиот брат, а работел и неговиот татко. Според него не само Владата, туку и Еуроконтрол која ја финансира М-НАВ, ќе треба да се позанимава со овие состојби.

„Кога ќе видите, на претседателот на синдикатот татко му работел таму, тој таму работи, брат му работи тамуСметам дека, како што велат и од ЕУ, треба да се испита начинот на којшто се прават конкурсите во таа институција, како и начинот и селекција на критериумите на кандидатите. Да не се случи некој кандидат да добие готови тестови-сето тоа треба да се види. Премногу случајности има во таа организација, коишто имплицираат дека можеби тие случајности и не се толку случајни“, изјави премиерот Ковачевски.

Доколку за премиерот претставува проблем кој е чиј, а не кој каков квалитет и стручност поседува, тогаш имаме проблем, вели за МТВ Тасевски. Ние реагираме на вработувања лица кои се во Германија, а се водат дека се овде на работа, нестручни лица пред сè. Тасевски посочува дека не е во ред да биде прозван, а ги има сите можни дозволи и 30 години работи квалитетно и стручно.

„Ако се навистина докажани во таа насока, и се покажат пред сè на тие селекции кои успешно треба да ги поминат, нас не нè интересира чие е тоа лице и дали зад него стои партија или некој роднина, едноставно за нас квалитетот е пресуден, и тоа вистинскиот квалитет кој е предуслов за кариерен напредок“, вели за МТВ претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски.

Освен донесените одлуки за директори на местото на разрешените, Владата донела и одлука за вонреден инспекциски надзор, што премиерот не го смета за политички притисок.

„Законска можност е да се врши вонреден надзор на работата на синдикатите во рамки на надлежностите кои ги спроведуваат, дали излегуваат надвор од своите надлежности, така што, тоа е законски пропишана одредба и не претставува притисок“додаде премиерот Ковачевски.

Изборот на новите кадри бил професионален, и превидот со прво предложениот кандидат е направен поради измените во законот каде е предвидено директорот да мора да доаѓа од контролорите, образложува премиерот. Тој освен за професионална биографија на Хекуран Асани кој работи во М-НАВ веќе 25 години како контролор на летање, не знаеше да каже дали е внук на Али Ахмети.

И за првиот синдикалец избраните кадри се добри, бидејќи пред сè се оперативци и ќе ги разбираат добро сите нивни проблеми. А разрешувањето на директорите, претставува испратена порака до секој следен дека нема да може да се однесува непрофесионално, вели Тасевски.