Претседателот на на Синдикатот на контролорите на летање Александар Тасевски за „Плусинфо“ вели дека, наместо за роднинските врски, премиерот Димитар Ковачевски треба повеќе да се заинтерсира за партиските вработувања во М-НАВ.

Никому не треба да му пречат нечии роднински врски, ако некој професионално си ја врши работата, ако ги поминал соодветните селекции и обуки. Така, не верувам дека некој можел да се пожали на мојата професионална работа сиве овие години. Премиерот треба повеќе да се заинтересира за оние партиски вработувања каде кандидатите се примаат без конкурси, без квалификации, без знаење, кои ништо не работат или воопшто не доаѓаат на работа, а редовно земаат плата, вели Тасевски за „Плусинфо“.

Претседателот на синдикатот вели дека еден од тие што воопшто не доаѓаат на работа, или барем тој никогаш не го видел, е токму Беќим Незири, кој упадна во контролата и таму со партиски насилници истепа еден од контролорите. Парадоксот да биде поголем, за напаѓачите не се изречени мерки притвор или домашен притвор, а Незири „ако сака“ може да се појавува на работното место „советник“ на директорот на контрола на летање. Според она што досега е познато од судската одлука, не е изречена суспензија за Незири од работното место.

Според Тасевски, по смената на директорите во М-НАВ, откако ќе се изврши промопредавање на должностите, ќе треба да се одлучи каква ќе биде иднината на Незири во М-НАВ. Идните директори треба да покренат дисциплинска постапка за Незири и да се одлучи дали тој ќе остане на работното место.

На денешната прес-конференција Ковачевски го издвои Тасевски, чиј татко бил вработен во македонската контрола на летање, поточно бил еден од основачите на македонската контрола на летање, која по замунувањето на ЈНА броела само 15 луѓе.

Со таа институција треба посериозно да се позанимава не само Владата туку и Еуроконтрол. Нивното финансирање е од таму. Има неколку аспекти кои треба да се анализираат. Таа фирма сметам дека е станата семејна фирма. Има до трето колено вработувања од исто семејство. Претседател на синдикат, татко му работел таму, брат му работи таму. Тие функционираат како семејство. Премногу случајности има во таа организација за да некои од нив се случајни, рече Ковачевски.