По неколкудневната драма со многу пресврти во македонската авијација, конечно утре се очекува ревизија и разрешувања во М-НАВ. Се наметнува прашањето дали денешниот ден е само затишје пред бурата која допрва следува.

Првиот човек на синдикатот, Александар Тасевски утрешниот ден го опишува како „Денот Д”. Контролорите се одлучни дека почнувајќи од 10 јануари ќе се затвори небото над Македонија, а како главна причина ја посочуваат безбедноста на патниците.

Синдикатот предупреди дека доколку ваквиот епилог не се случи, тие ќе стапат во штрајк со затворање на воздушниот простор. Јавноста пак, е во очекување на исходот од владината седница на која според најавите треба да бидат разрешени директорите на Македонска навигација.

Ваквиот епилог следува по упадот во М-НАВ откако и покрај сѐ никој од директорите не поднесе оставка. Партиските членови на ДУИ, предводникот Беким Незири и остантите активисти кои упаднаа во М-НАВ сѐ уште се заштитени, а јавноста очекува завршница.

Процесот на расчистување на случајот дополнително се усложни со приведување на лицата и изрекување мерки на претпазливост наместо притвор, по што обвинителството поднесе жалба до Кривичен суд.