Новак Ѓоковиќ е заглавен на аеродромот во Мелбурн и нејасно е дали австралиските власти ќе го пуштат да влезе во земјата или ќе го вратат дома.

Одбивањето на Ѓоковиќ да се вакцинира му донесе многу проблеми во Австралија каде валстите во текот на целата пандемија имаат ригорозни мерки.

Таткото на Новак, Срѓан Ѓоковиќ за српските медиуми изјави дека неговиот син е во притвор на аеродромот во Мелбурн и пред вратата од собата во која е сместен има двајца полицајци кои го чуваат. Внатре не може да влезе никој.

Ѓоковиќ имал поднесено погрешно барање за виза, Србинот во меѓувреме веројатно има поднесено и ново како што побарале австралиските власти.

Дополнително тој е испрашуван за докази кои го поддржуваат изземањето од вакцинација.

Според австралиските медиуми, кои се повикуваат на извори блиски до федералната власт, Ѓоковиќ се повикува на тоа дека прележал ковид во последните шест месеци и затоа не се вакцинирал.

Но, тој негов изговор може нема да биде доволен за да влезе во земјата.

Се очекува брзо откако ќе почне новиот работен ден во Австралија да биде решена судбината на Ѓоковиќ, да биде донесена одлука дали ќе биде пуштен да влезе или ќе биде вратен дома.