Врховниот суд денеска одржа јавна седница по жалбата на осомничениот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, против решението на Апелацискиот суд Скопје за мерката притвор.
Ова е втора јавна седница пред Врховниот суд по мерката притвор на таткото на Вања, откако во март годинава Врховен ја одби како неоснована жалбата против мерката притвор на Ѓорчевски, по решението на Апелациониот суд Скопје.
Бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека од последната одржана јавна седница до денеска, околностите воопшто не се променети.
Затоа останувам при жалбените наводи дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниту еден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор, рече тој.
Дополни дека осомничениот не може да се даде во бегство затоа што важноста на патната исправа му истекла и дека тој активно учествува во истрагата.
Во изјава за медиуми по седницата, Туфегџиќ информираше дека бил вештачен мобилниот уред на Ѓорчевски, но дека сѐ уште немаат никакви информации од вештачењето. Тој посочи и дека случајот стигнал и до Центарот за социјални грижи, откако на семејството на таткото на Вања, не им било дозволено да остварат контакт со неговата помала ќерка.
Осомничениот Александар Ѓорѓиевски, се сложи со образложението на својот адвокат и истакна дека е обвинуван, како што рече, за некои работи кои и ден денеска не ги разбира.
Бев прикажувани екстремно спротивно од тоа што сум како родител и татко. Сакам и јас да знам што точно се случува затоа што и јас водев истрага, знам парченца од тие делови. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе го дознам идентитетот на тие луѓе, сите се подеднакво криви, рече тој.
Јавниот обвинител Наум Паноски, рече дека ЈО останува во целост при изнесените наводи во предлогот.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.
За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, осомничен дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка.
По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.