Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари телефонски разговор со својот грчки колега, Никос Дендијас, на кој беше разговарано за состојбата со потрагата по исчезнатото момче од земјава.
За време на разговорот Османи замоли за продолжување на потрагата и покрај изминувањето на редовниот рок, при што беше информиран од својот колега дека е донесена одлука со која се продолжува потрагата по исчезнатиот.
За време на разговорот, Османи упати благодарност за трудот и пожртвуваноста на грчката крајбрежна служба, военото воздухопловство и локалното население, вклучени во потрагата.
Разговорот уследи по формалното упатување на нота до Министерството за надворешни работи на Грција со молба за продолжување на потрагата иако денеска изминува рокот до кога се организираат ваквиот тип потраги.