Работни средби во владеачката СДСМ пред утрешните состаноци на највисоките партиски тела Извршниот и Централниот одбор пред кои претседателот на партијата и мандатар Димитар Ковачевски ќе ги престави кандидатите за министри во неговиот Кабинет.

Доколку предлозите поминат кај партиското раководство, нешто што е речиси извесно, Ковачевски веќе во вторник ќе може да го достави предлог составот за иден кабинет до Собранието.

Мандатарот Ковачевски, во разговор за Телма соопшти дека составот на кабинетот е заклучен, кандидатите се избрани и очекува да добие зелено светло од двете највисоки партиски тела.

-Немам дилема кои кандидати за членови на мојот кабинет ќе ги предложам на утрешните седници на Извршиот и Централниот. Имињата денес нема да ги откријам. Можам да ви кажам дека станува збор за проверени кадри – политичари со долгогодишни искуства во секторите кои ќе ги водат. Внимавав да има поголема застапеност на жени во мојот кабинет –кажа Ковачевски за Телма.

Според информациите на Телма, Спасовски останува во МВР а Маричиќ е изборот за наследник на Никола Димитров како вицепремиер за евроинтеграции.

Ковачевски утре ќе треба да ги соопшти имињата на кандидатите за министри за одбрана, култура, транспорт и врски, труд и социјала како и наследникот на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.

Секако најтежок избор е наследникот на Радмила Шеќеринска, кој ќе мора да има беспрекорно минато и позадина бидејќи станува збор чувствителна и одговорна позиција особено по влезот во НАТО алијансата.

Во ДУИ нема да има промени, сите ги задржуваат досегашните функции, освен што го отстапуваат информатичко општество.

До последен момент останува дилемата околу поделбата меѓу СДСМ и ДУИ на министерствата за образование и земјоделство. Јетон Шакири е кадарот на ДУИ кок ќе седне во една од овие две фотељи а доколку СДСМ го добие земјоделство најверојатно кандидат за министер ќе биде Трајан Димковски кои извесно време го водеше овој ресор.

Новата Влада ќе добие и нов партнер, Алтернатива, со три министерски места. Стоматологот Беким Сали ќе го наследи Филипче во здравство, Адмирим Алити ќе биде нов министер за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи ќе биде без ресор задолжен за дијаспората.

Според најавите, по утрешните седници на партискиот врв, веќе во втроник Ковачевски ќе ја достави програмата како и предлог составот на новиот Кабинет до Собранието а очекувањата се дека спикерот Џафери ќе ја закаже седницата на која пратениците ќе гласаат за новиот сосатв на Владата на 15 јануари.