Тензично е во Цетиње утрово каде полицијата фрли солзавец врз граѓани на повеќе локации кои протестираат против најавеното устоличување на митрополитот Јоаникиј во манастирот Цетиње. Од раните утрински часови се слушаат полициски сирени.
Устоличувањето на митрополитот на СПЦ Јоаникиј, е планирано за денеска во 8 часот во манастирот Цетиње, јавија црногорски медиуми.
Во инцидентите повредени се четири лица кои побарале помош во Општата болница во градот.
Големи полициски сили се распоредени во Цетиње за да пробијат барикади и да им овозможат на свештеници од СПЦ да сигнат до Цетињскиот манастир. Граѓаните порачуваат дека тоа нема да го дозволат.
Според РТЦГ врз граѓаните се фрлени три солзавци и неколку шок бомби.
Граѓани на Црна Гопра синоќа го блокираа приодите кон Цетиње за да оневозможат српскиот Патријарх Порфириј и свештенство на СПЦ да извршат устоличување на митрополитот Јоаникиј во манастирот во Цетиње.
Засега свештенството на СПЦ се уште не тргнале од Подгорица кон Цетиње. Во Цетиње денеска е и специјалниот обвинител Миливоје Катниќ, јави РТЦГ.
Српскиот патријарх Порфириј синоќа објави дека Српската православна црква нема да се откаже од устоличување на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј во манастирот Цетиње.
„Утре наутро, со Божја помош и молитва за мир, сите архиепископи ќе заминат на Цетиње за да го устоличат владиката Јоаникиј во трон митрополит црногорско-приморски“, изјави Порфириј за Танјуг, пренесе Бета.
Претходно, дел српски и црногорски медиуми објавија дека устоличувањето во Цетиње е откажано поради безбедносни ризици.
Порталот Борба, близу до владејачкиот Демократски фронт, објави дека устоличувањето е откажано, но дека патријархот Порфириј одбил да го престоли Јоаникиј во Подгорица.